Деветтото издание на фестивалот „Џез фектори“ ќе се одржи од 15 до 19 април. Оваа година ќе се одвива во Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид, собирајќи музичари од Франција, Израел, Албанија, Австрија, Унгарија, Полска, Црна Гора, Србија и Македонија. Програмата обединува концерти, едукативни содржини, промоции на книги и професионални средби, создавајќи динамичен простор за развој на џез културата и културна размена во земјата.
Фестивалот ќе започне на 15 април во „Утопија“ во Битола со промоција на книга од Иван Благојевиќ, директор на џез фестивалот „Нишвил“ и концерт на квартетот на Христијан Ристески (фото). Следниот ден ќе има концерти во Битола и Скопје.
На 17 април, фокусот ќе биде на едукација и развој. Ќе има програма за деца во „Јуроп хаус“ во Битола, мастерклас ќе одржи Лукас Мајсл од Австрија, а наградата „Гоце Димитровски“ ќе му се додели на Христијан Ристески. Истиот ден, во Народниот театар во Битола ќе настапат музичари од Унгарија и Австрија.
Годишната конференција на Асоцијацијата на џез фестивали ќе се одржи на 18 април во Битола, додека вечерта во Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар ќе настапи полскиот бенд „Џума“. Завршницата на фестивалот е на 19 април во „Џез ин“ во Охрид, каде што ќе свири „Џума“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА