КАИРО СТАНА МНОГУ ГРД – ЕГИПЕТ ГРАДИ НОВ ГЛАВЕН ГРАД

Каиро, (Гардијан)

Билборди кои ветуваат нов начин на живот, отворени простори и многу зеленило се поставени долж булеварите во Каиро. Бегство од метежот на централно Каиро во оаза оддалечена 40 километри стана сон за оние кои ќе можат да си го дозволат тоа.

„Добредојдовте во врвна заедница“, вели еден билборд, ветувајќи нов град и нов начин на живот.

Алтернативниот главен град на Египет, кој сѐ уште нема име, ќе се простира на 700 квадратни километри, со што би бил голем колку Сингапур и ќе биде дом на најмногу пет милиони луѓе. Планот предвидува станбени висококатници и владина област, сместени околу таканаречена зелена река, комбинација на отворени води и зеленило, со двојно поголема површина од Сентрал Парк во Њујорк.

Новиот главен град, кој засега нема име, треба да биде дом за најмногу пет милиони луѓе (Фото: Гети)

Овој проект треба да ги реши сите проблеми на Каиро и да изгради блескава иднина. Повеќето државни институции треба да се преселат таму до јуни 2019 година, а истото им се советува и на странските амбасади и на големите бизниси.

Според првичните проценки, новиот град би чинел 30 милијарди фунти.

„Заборавете на бројките, тие не се важни. Буџетот не е фиксен. Тој секако ќе биде голем. Ние имаме сон и го градиме тој сон. Засега немаме план што ќе биде со испразнетите згради во Каиро, можеби, ќе ги претвориме во хотели“, вели портпаролот на проектот Халед Ел-Хусеини.

Каиро е најбрзо растечкиот град на светот и само лани добил половина милион нови жители.

„Бразил го има Рио, па ја изгради Бразилија. Ни треба ова, колку и да чини. Каиро веќе не е погоден за Египќаните. На секоја улица има сообраќаен метеж, а инфраструктурата не ја издржува популацијата. Без некој голем план, Каиро стана многу грд град, веќе нема живот во него“, додаде Ел-Хусеини.