Коки Јанков сними нова верзија на „Песна за Дуле и Коки“, која пред повеќе од 25 години ја напиша Игор Џамбазов и била снимена на мобилен телефон.
Во 2013, Јанков беше гостин на концертот на Џамбазов во салата „Борис Трајковски“, 40 дена по смртта на Душан Љубисављевиќ-Дуле и заедно ја испеаја оваа песна.
„Ова е единствената песна во Македонија која излегла на албум, а е снимена на мобилен телефон“, рече тогаш Џамбазов.
Јанков се присети на анегдота од тоа гостување.
„Игор Џамбазов нè покани кај него во ‘Бинго’ во Македонската телевизија. Пред да влеземе во студио, ни ја испеа ‘Песна за Дуле и Коки’ со гитара. Во истиот момент, Дуле ја сними на мобилен телефон, eдна мала ‘нокиa’, за подоцна таа снимка да се најде на нашиот трет албум со оригиналната снимка од телефонот. На неговиот концерт во ‘Борис Трајковски’ ја испеавме заедно, а сега конечно ‘Песната за Дуле и Коки‘ се најде на албумот ‘Навикни на промени’ со студиска снимка“, рече виолинистот.
Тој најавува концерт на 14 ноември во Филхармонијата по повод 30 години од првиот хит на дуото, „Виолина и гитара“, со кој како дебитанти победија на Макфест во Штип во 1996. На концертот, како што вели Јанков, ќе има и многу гости.
„На албумот ќе има 20 песни, преработки на старите хитови. Како што претходно најавив, секој понедленик промовирам по две нови песни на социјалните мрежи и на дигиталните платформи. Досега излегоа 12, меѓу кои ‘Марама’, ‘Колку треба да се плати’, ‘Не ми е денот’, ‘Залудно е да се напијам’, ‘Еј калдрмо’ и други. Во следните четири недели ќе излезат последните осум песни, а потоа ќе се посветам на подготовка за концертот“, вели Никола Јанков-Коки, кој е наставник по виолина во Музичкото училиште во Штип.
М. ЏАРОВСКА