МНТ СО ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „ЗАПАДЕН ЕКСПРЕС“ ОД ФИНСКИОТ РЕЖИСЕР ЈУТИНЕН

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Претставата „Западен експрес“, во режија на Јари Јутинен од Финска, премиерно ќе се изведе денеска (30 април) од 20 часот на Малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е копродукција помеѓу „МИ Филм“, „Sadsongskomplex:fi“ и МНТ.

Работена е по текст на наградуваниот романски автор Матеј Вишњек, а играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска-Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а музиката на Јане Трајковски.

„Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина, за на крај да сфатат дека возот од насловот на претставата води кон илузија. Авторот создава живописна сценска фреска исполнета со различни ликови, од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Претставата е структурирана во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на стар слеп човек, кој ги носи сенката на Едип и неговата трагична мудрост, поставена врз современите општествени настани“, велат од МНТ.

Репризата е на 4 мај.