Цртежи на платно изработени од членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола беа дел од подароците што Центaрот за култура им ги врачи на учесниците на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола, што заврши вчера.
„Ова е пример како се сака Битола и како се поддржуваат и почитуваат различностите. Преку овој гест за активностите на нашите штитеници ќе се дознае и надвор од Македонија“, рече Јуле Трајчевска, претседателка на битолскиот огранок на „Порака“.
Од Центарот за култура соопштија дека се горди што овие уникатни творби, создадени со многу љубов и внимание, ќе бидат доделени на сите гости на фестивалот.
„Идејата се роди кога ’Порака’ одржуваше настан во Малата сала на Центарот за култура, на кој присуствував и јас, па ми подарија еден цртеж, што сѐ уште го чувам во канцеларијата. За оваа намена изработија 13 ликовни творби на платно, кои им беа подарувани на секоја група учесници по завршувањето на претствата, заедно со цвеќе и вино“, рече Сашо Илковски, директорот на Центaрот за култура.
Под водство на Трајчевска, лицата со интелектуална попреченост последниве години беа вклучени во изведба на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски и во рецитали на поезијата од Конески, Шопов и Рацин, заедно со Камерниот оркестар од Битола и познати музички изведувачи на концерт ја испеаја песната „За овој свет“ од Тоше Проески, изведуваа песни на англиски јазик на манифестацијата „Можеме и сакаме да пееме“ и учествуваа во спортски активности и во проекти со ученици од редовните училишта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: Сашо Илковски и Јуле Трајчевска