НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ЈА РЕЖИРА „ТРИ СЕСТРИ“ ОД ЧЕХОВ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Македонскиот народен театар (МНТ) во тек се пробите за пробите за новата претстава, „Три сестри“, според истоименото дело на Антон Павлович Чехов, а во режија на Нела Витошевиќ.

Автори на текстот се Васил Христов и Витошевиќ, додека драматургијата е на Викторија Рангелова-Петровска.

Во претставата играат: Дарја Ризова како Ирина, Наталија Теодосиева во улогата на Маша, Верица Недеска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола.

Од МНТ велат дека новата поставка на „Три сестри“ се фокусира на современата реалност, претставувајќи галерија на ликови заробени меѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот.

„’Три сестри’ во оваа верзија е приказна за распадот на едно семејство, но и за пошироката општествена криза, каде знаењето и хуманизмот сè повеќе губат значење. Истовремено, претставата ја нагласува човечката упорност да се зачува достоинството и вербата во можноста за поинаков свет“, велат од МНТ.

Сценографијата е на Никола Тороманов, костимографијата на Роза Трајчевска, а музиката ја компонира Огнен Анастасовски.

(Фото: М. Аргакијева)