„Археологија на сегашноста“ е насловена првата изложба на Ана Тодоровска, што се отвора вечерва (4 мај) во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје од 20 часот.
Станува збор за истражувачки уметнички и еколошки проект што во својот центар го поставува прашањето: Што ќе откријат идните генерации кога ќе копаат низ остатоците од нашето време?
Во рамките на проектот, во периодот јули–октомври 2025 Тодоровска посетила 15 локации низ Македонија кои претставуваат значајно културно и природно наследство. Од овие места биле собрани парчиња отпад кои станале основен материјал за изработка на скулптуроидни асемблажи. Секое дело ја раскажува приказната за локацијата од која потекнува, откривајќи ги нејзините еколошки, социјални и историски слоеви.
Изложбата ќе трае до 8 мај и ќе заврши со работилница.
Тодоровска (1993) дипломирала на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а твори и како визуелна уметничка и поетеса. Работејќи како психолог, таа ги комбинира психологијата и уметноста во функција на личниот развој и самоспознание.