„ОДИСЕЈА“ ЌЕ БИДЕ ЕПСКИ ФИЛМ, НО ПОКРАТОК ОД „ОПЕНХАЈМЕР“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ НОЛАН

Лос Анџелес, (Вараети)

„Одисеја“ ќе биде еден од најепските филмови на Кристофер Нолан, но нема да биде и најдолг. Тој потврди дека неговиот нов филм ќе биде пократок од „Опенхајмер“, кој му ги донесе првите оскари во кариерата.

„Тоа е епски филм, како што налага темата, но е пократок“, рече Нолан.

„Опенхајмер“, биографската драма за Роберт Опенхајмер и создавањето на атомската бомба за време на Втората светска војна, траеше 180 минути. И покрај тоа, филмот стана блокбастер, заработувајќи 975 милиони долари низ светот. Очекувањата за „Одисеја“ се соодветно високи.

Нолан претходно кажа дека „снимил 610 километри филм“ за време на правењето на „Одисеја“.

Филмот го следи грчкиот херој Одисеј (Мет Дејмон) додека патува дома по Тројанската војна. Дејмон глуми покрај Ен Хатавеј, Зендаја, Том Холанд, Лупита Њонго, Шарлиз Терон, Мија Гот, Бени Сафди, Џон Бернтал, Џон Легуизамо и други. Нолан го напиша сценариото и го продуцираше филмот заедно со неговата сопруга Ема Томас.

„Одисеја“ доаѓа во кината на 17 јули 2026, повеќе од две години откако „Опенхајмер“ освои седум оскари.