Групата „Нокаут“ на 9 мај во арената „Јане Сандански“ во Скопје ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со славенички концерт, најавен како вистински аудио-визуелен спектакл.
Настанот, како што беше кажано на вчерашната прес-конференција, ќе биде со најсовремено озвучување и продукција, со цел публиката во целата сала да има еднакво и квалитетно доживување. За првпат, „Нокаут“ ќе настапи на кружна сцена од 360 степени, со што, како што велат од бендот, ќе бидат поблиску до публиката и ќе овозможат поинтимна комуникација.
Фронтменот Никола Перевски-Пере кажа дека големиот интерес за концертот е потврда за поддршката за македонската музика. На сцената ќе им се придружи долгогодишниот пријател Игор Џамбазов, кој рече дека 9 мај има посебна симболика за него, додавајќи дека со „Нокаут“ настапува речиси две децении.
„Тие се мојата слабост, а јас нивната тежина. Ќе ги изведеме најголемите хитови. Тие што купиле влезници нема да зажалат, тоа ќе биде големо задоволство за сите“, рече Џамбазов.
Меѓу гостите ќе биде и Дарко Гелев-Брејк, кој најави „позитивен циркус“ на сцената.
„Ја замолувам публиката да дојде предвреме за да почнеме навреме“, кажа Пере.
Концертот започнува во 21 часот, а вратите се отвораат во 19:30.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов