Утре (6 мај) од 20 часот, во салонот „19:19“ во Скопје ќе се одржи хуманитарниот концерт „Ѓурѓовден кај Ѓорѓи Марјановиќ“, во организација на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. Со овој настан, Фондацијата ги возобновува традиционалните „Ѓурѓовденски средби“, кои се со хуманитарен карактер.
Од семејството Марјановиќ велат дека датумот 6 мај има особено значење за нив, зашто тоа е роденденот, именденот и семејната слава на професорот Ѓорѓи Марјановиќ (фото), кој додека беше жив, овие моменти ги одбележуваше во својот дом со пријатели, колеги и ученици.
Под уметничко раководство на пијанистката Даница Стојанова, на концертот ќе се свират дела од Шопен, Рахманинов, Хачатурјан и Смокварски. Ќе настапат Васил Атанасов (обоа), Даница Стојанова (пијано), Петар Макариевски (пијано), Весна Ангелова-Христов (пијано), Марина Чадо (виолина), Тереза Крцоска (виолина), Виолета Шуковиќ (пијано), дуото Гелебешеви (пијано) и младите музичари Ада Богоевска (виолончело), Ана Манчева (пијано), Јован Станковиќ (пијано) и Гала Нановска (пијано).
Хуманитарната цел на концертот е обезбедување едногодишна ИТ и јазична едукација за 20 деца од Детскиот дом „11 Октомври“. Организаторите ги повикуваат сите почитувачи на ликот и делото на професорот Марјановиќ да го поддржат настанот преку донација и резервација на билет.