МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ТРАУМАТА ВО ЛИТЕРАТУРАТА“ НА 13 И 14 МАЈ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 13 и 14 мај, во „Јуроп хаус“ (Europe House) во Скопје ќе се одржи меѓународната конференција „Траумата во литературата“. Таа е дел од научно-истражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен, што се проучува низ различни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и културолошките студии“, велат од Институтот, кој годинава слави 45 години постоење.

Дваесет и осуммина истражувачи од земјава и странство заедно работеа на проектот„Траумата во литературата“, под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфаќаат теми како миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми и табуа. Научните трудови што ќе бидат презентирани ќе понудат толкувања на репрезентацијата на личната, колективата и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност, од средниот век до современата книжевна продукција.

До крајот на годината се очекува да биде објавен и зборник на трудови, како финален резултат на научно-истражувачкиот проект „Траумата во литературата“.