СУДОТ ЗАБРАНИ ДА СЕ ОБЈАВУВААТ ФОТОГРАФИИ ОД МРТВИОТ КУРТ КОБЕЈН

Вашингтон, (АП)

Апелациониот суд во Вашингтон забрани јавно да се објавуваат фотографии од мртвиот Курт Кобејн, фронтменот на „Нирвана“.

Судот заклучи дека со нивното објавување „би се прекршило правото на приватност на семејството Кобејн“.

Вдовицата на музичарот, Кортни Лав и нивната ќерка Френсис Бин Кобејн побараа правна заштита за 55-те фотографии, откако новинарот Ричард Ли побара тие да бидат објавени, обидувајќи се да докаже дека Кобејн не си пресудил самиот, туку дека бил убиен.

Ли девет години ја истражувал смртта на Кобејн, кој изврши самоубиство во 1994 година и дури имал ТВ-емисија на оваа тема, насловена „Курт Кобејн бил убиен“.

Неговиот случај оригинално беше отфрлен од судот во 2015 година, со заклучок дека објавувањето на сликите би било „крајно навредливо“, при што Ли беше опишан како „теоретичар на заговори“.