Интернационалниот пијано натпревар „Пијанофест“, што во Битола се одржа по осми пат, обедини млади таленти, врвни уметници и љубители на класичната музика од земјава и странство.
„На натпреварот имаше учесници од 12 држави: Македонија, Германија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Грција, Албанија, Косово, Кипар, Кина и Ерменија, што го прави еден од најзначајните и најпрепознатливи меѓународни натпревари во регионот“, рече организаторот Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано Битола“
„Пијанофест 2026“ беше отворен свечено, со концерт на Камерниот оркестар на Битола, пијанистот Јане Петровски и пијанистката Емa Попивода, а под диригентската палка на Владимир Димовски. Три дена Офицерскиот дом беше исполнет со звуците на пијаното, при што млади таленирани ученици од Македонија и регионот се натпреваруваа во одделни категории.
Фестивалот има за цел да ја промовира класичната музика, да го подигне нивото на музичката култура и да создаде место за презентација и натпревар на младите таленти кои во иднина ќе ја продолжат музичката традиција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА