Српскиот џез музичар со македонско потекло Васил Хаџиманов вечерва ќе има нов настап пред скопската публика, како дел од триото на Душан Јевтовиќ.
Во организација на „3Гонга“, Јевтовиќ (гитара), Хаџиманов (клавијатури) и Богдан Ѓурѓевиќ на тапани ќе свират џез импровизации во „Станица 26“, со почеток во 21 часот.
Српскиот гитарист, кој долги години живее и работи во Барселона, неодамна го издаде својот петти албум, кој доби позитивни критики и рецензии низ светот. Јевтовиќ ја правеше музиката заедно со Хаџиманов.
„Васил снимаше во студио со мене и сакавме да се вратиме на оној стар трио џезерски звук, кој беше популарен во 60-те и во почетокот на 70-те години. Сакавме да направиме нешто интересно и мислам дека успеавме во тоа. Хаџиманов е неверојатен со неговата лева рака и умее да направи чуда, многу е стабилен како музичар, така што знам дека направивме вистински потег соработувајќи заедно“, вели Јевтовиќ.