ИСТРАЖУВАЧКИОТ ПРОЕКТ НА ИЛИЌ И ЃОРЃЕВ „АМАМ ИНТЕРНАЦИОНАЛА – ПОД КУПОЛИТЕ“ НА 8 ЈУНИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Амам интернационала – под куполите“ е насловен перформативниот патопис, истражувачки проект на Синиша Илиќ од Србија и Бојан Ѓорѓев од Македонија, кој ќе се одржи на 8 јуни од 18 часот пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер/Шенѓул амам (веднаш до Куршумли ан). Влезот е слободен.

„Овој перформативен патопис нè води низ просторите на балканските амами, во потрага по заборавени или потиснати наративи на заедништво. Под куполите на амамите, каде што се сретнуваат приватното и јавното низ пареата и влагата, се испреплетувале различни општествени слоеви, религии и секојдневни политики, обликувајќи неформални простори за дијалог и урбан живот. Денес, затекнати помеѓу реставрацијата, запоставеноста и приватизацијата, амамите стануваат огледало на односот кон наследството и заедничкото добро, отворајќи прашања за тоа како овие архитектури повторно би можеле да го осмислат современиот јавен простор како место на средба, промена и колективно дишење“, стои во најавата на настанот.

(Фото: И. Пујиќ)

„Амам интернационала – под куполите“ е истражувачки проект на визуелниот уметник Илиќ и театарскиот автор Ѓорѓев, соработници на бројни проекти не само на полето на ликовните уметности, перформансот и театарот, туку и низ курирањето, самоорганизацијата на независната културна сцена, колективните практики и интердисциплинарноста.

(Фото: И. Пујиќ)