Актерот Идрис Елба ја прими витешката титула од кралот Чарлс на церемонијата во замокот Виндзор и отсега ќе биде сер Идрис Елба. Педесет и тригодишниот актер, кој се прослави во сериите „Жица“ и „Лутер“, е почестен за неговата поддршка на млади луѓе.
Во 2022, тој ја основал фондацијата „Elba Hope“, која поддржува јакнење на заедницата, образование и застапување на младите и одржлив развој.
Како корисник на грант од кралската добротворна организација „The Prince’s Trust“, Елба добил можност да му се приклучи на Националниот младински музички театар на 18 години. Минатата година беше објавено дека Елба ќе соработува со кралот за да создаде документарец за 50-годишнината од основањето на оваа добротворна организација, кој треба да се емитува на „Нетфликс“ оваа есен.
(Фото: ПА)