Македонската репрезентативка во ритмичка гимнастика, средношколката Илина Соколовска обезбеди пласман на Светското првенство, кое во август ќе се одржи во Франкфурт, Германија.
Потребните бодови ги освои на Европското првенство во Варна, Бугарија, кое беше клучно за квалификациите за Светското.
Иако живее во Германија и настапува во Бундес лигата, таа вели дека настапите за Македонија за неа имаат посебно значење.
Во пресрет на Европското првенство, два месеци се подготвуваше во Баку, Азербејџан, каде тренирала во професионални услови и со поддршка од искусни тренери. Таа вели дека ваквите подготовки многу ѝ помогнале за резултатот.
Соколовска додава и дека голем дел од трошоците за подготовки и натпревари ги покрива нејзиното семејство.
„Сето ова го правам затоа што ја сакам Македонија“, вели младата спортистка.