ПОТВРДЕНО СНИМАЊЕТО НА ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА „МАЈКЛ“

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Шефот на студиото „Лајонсгејт“ кое стои зад биографскиот филм за Мајкл Џексон изјави дека се подготвува продолжение и дека новиот филм можеби нема хронолошки да продолжи таму каде што заврши „Мајкл“.

Приказната за животот на Мајкл Џексон, кого го игра неговиот внук Џафар Џексон, досега заработи 715 милиони долари на киноблагајните ширум светот. Филмот заврши со натписот „Неговата приказна продолжува“, што навести дека ќе се снима продолжение.

Навистина сме возбудени поради напредокот што го постигнуваме со вториот филм за Мајкл. Сите разговори што ги водевме со сите засегнати страни одат исклучително добро“, изјави Адам Фогелсон.

Првиот филм го опфаќа животот на поп-ѕвездата од детството до врвот на неговата слава кон крајот на 1980-тите.

Голем дел од неговиот музички каталог не беше допрен во првиот филм. Има и толку многу други настани што се случија кои не беа споменати, па затоа сме уверени дека ќе имаме неверојатно забавен филм, што повторно ќе ѝ се допадне на глобалната публика додека парчињата се спојуваат. Приказната можеби не е строго хронолошка. Можеме да одиме и напред и назад во раскажувањето на оваа приказна“, рече Фогелсон.