Вечерва (10 јуни) во Драмкиот театар во Скопје во 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Да живее Долна дупка“ на доајенот на македонската театарска и филмска уметност, Коле Ангеловски. Промоцијата е дел од одбележувањето на 80-годишнината од основањето на Драмскиот театар.
Книгата е збирка на четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две се поставени на сцените на македонските театри.
Комедијата „Птица со главата меѓу нозе“, во режија на Коле Ангеловски, премиерно беше изведена во неговиот матичен Драмски театар на 10 ноември 2021 година.
„Да живее Долна дупка“, чиј режисер е самиот Коле Ангеловски, премиерно беше изведена на сцената на Театар Комедија на 29 јануари 2025.
„’Аферата ‘Ладен шприцер’’од една комична перспектива ни ги претставува аномалиите на начините на кои се одвива локалната самоуправа, а провокативноста на ‘Аферата ‘Рекет’’, пак, произлегува од тоа што главните ликови се засновани на главните протагонисти од аферата позната на нашата јавност под истото име, но тоа е само почетна точка за Ангеловски, кој на извонредно комичен начин го развива драмското дејствие“, велат од Драмски.
Приредувач и уредник на книгата „Да живее Долна дупка“ е Свето Стаменов , политиколог, новинар, а дизајнот на книгата е на графичката дизајнерка Бојана Симевска. Публикацијата е збогатена и со триесетина колор фотографии од претставите „Птица со главата меѓу нозе“ во Драмски театар и „Да живее Долна дупка“ во Театар „Комедија“.
На промоцијата за „Да живее Долна дупка“ ќе говорат: Роберт Вељановски, директор на Драмскиот театар, Тодор Кузманов – театарски критичар, проф. д-р Гоце Смилевски – писател и драматург, актерите Благоја Чоревски и Ѓокица Лукаревски, уредникот Стаменов, додека, пак, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе одиграат фрагменти од претставата „Да живее Долна дупка“.
Коле Ангеловски и Ѓокица Лукаревски на премиерата на претставата „Да живее Долна дупка“. (Фото: К. Попов)