Култната група „Архангел“ новиот видеоспот за песната „Дни оловни“ го сними во зградата на Централната пошта во Скопје. Спотот денеска (9 јуни) беше промовиран на прес-конференција по повод концертот „Срцевина“, што ќе се одржи на 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје.
Фронтменот на „Архангел“, Ристо Вртев, рече дека изборот на локацијата не бил случаен, туку длабоко поврзан со атмосферата на песната.
„Се одлучивме за локација со амбиент на брутализам бидејќи мислам дека е многу соодветен на тоа што го налага самата атмосфера. Некако нè враќа и во еден бунт, во едни корени, а од друга страна има и една таква модерност“, изјави Вртев.
Режисерот на спотот, Иво Антов, старата Пошта ја нарече македонски културен Чернобил.
„Голема работа е да се снима во македонскиот културен Чернобил. И еден таков објект со такво значење за нашата култура заслужуваше и некоја добра музика да му се стави. Верувам дека со овој спот ќе помогнеме побрзо да се реновира Поштата“, рече Антов.
Како што рече Вртев, идејата за снимањето започнала со неговиот долгогодишен соработник Марко Стојановиќ,и екипата која снимала ентузијастички и волонтерски.
„Кога ја слушнав идејата дека ќе се снима во Пошта, ми се отвори душата. Прво се сними беше песната, а околу неа се создаде синергија“, рече Вртев.
Освен концерт, „Срцевина“ ќе биде и симболично поврзување на различни генерации музичари. Вртев најави дека на сцената со него ќе настапат млади музичари, како дел од идејата музичкото наследство на „Архангел“ да продолжи да живее и низ нови генерации.
Специјален гостин на концертот ќе биде Васил Хаџиманов, кој преку видеоповик го поддржа Вртев.
„Кога ми се јави Ристо, веднаш се нафативме да гостуваме на концерт на една ваква култна група“, рече Хаџиманов.
Организаторката на концертот, Цвета Спасова од „Адриатика рекордс“, најави и ново винил издание на „Архангел“, кое се очекува до крајот на годината.
„Зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, рече во 2024 министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Режисерот спотот Иво Антов, менаџерката Цвета Спасова и Ристо Вртев. (Фото: К. Попов)