„АРХАНГЕЛ“ И ПУБЛИКАТА ПЕЕЈА ВО ЕДЕН ГЛАС НА ОДЛИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Публиката и „Архангел“ синоќа (13 јуни) станаа едно, на концертот во Стадионот на АРМ во Скопје. Концертот беше насловен „Срцевина“.

Настапот на српскиот музичар Васил Хаџиманов и неговиот бенд беше совршена увертира за вечерта. На сцената, покрај фронтменот Ристо Вртев, настапија Иван Петровски на гитара, Дејан Митровиќ на бас, Александар Ванчовски на тапани и Филип Димишковски на клавијатури. Претставувајќи ја поставата, Вртев низ шега кажа дека само тој и Димишковски не се академски музичари, алудирајќи на фактот дека составот го сочинуваат едни од најдобрите инструменталисти од својата генерација.

(Фото: СДК.МК)

Она што беше највпечатливо на концертот, беше посебната енергија на публиката. Како ретко кога, се собраа генерации кои растеле со музиката на „Архангел“, но и млади луѓе кои не биле ни родени кога биле создадени песните, а сепак ги пееја стиховите на Вртев од почеток до крај.

По двата биса, кулминацијата беше на крајот кога Вртев и публиката заедно, без инструментална придружба, ги испеаја „Милион долари“ и „Харткор“.

Концертот го организираше „Адриатика рекордс“.

(Фото: СДК.МК)