ФРЛИЈА КОФА СО ИЗМЕТ ВРЗ МЕНЕ ЗА ФИЛМОТ, СЕ ИЗМИВ СО СТУДЕН ТУШ, РЕЧЕ СЛАТКАРИСТИКА ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА ИЛИНДЕН ВО ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Јас сум дете кое верува“, вели Слаткаристика во песната „Верувај“ која ја сними заедно со рап дуото „Зи бомб“ а ќе биде искористена во документарниот филм „Слушни ме“ чија премиера ќе биде до крајот на годината.

Хип-хоп музичарот одржа прес-конференција со дел од гостите на концертот на 2 август на стадионот „Билјанини ивори“ во Охрид, со кој ќе прослави 20 години кариера.

​Калиопи, Тони Зен, „Некст Тајм“, Пајак, „Дупер“, Тајзи, Зи Бомб, Цоби, Криско и диџеј Че ќе бидат гости на концертот „Слаткаристика и пријателите“ кој го организира продукција „Прагма“.

„Ова е многу битна фаза за мојата кариера. Спотот е одличен и веќе може да се погледне на Јутјуб. Денес е еден нов ренесансен старт за сите нас и се надевам дека секој 2 август во Охрид ќе имаме голем концерт на нов наш музичар“, рече Слаткаристика.

По негативните коментари во јавноста, Марко Маринковиќ-Слаткаристика на 2 јуни на Фејсбук објави дека со екипата се откажуваат од поддршката доделена од Агенцијата за филм за музичкиот документарец на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО продукција“. Проектот доби 1,5 милиони денари (24.000 евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм за 2026.

 

„Откако изминативе денови истурија една кофа измет врз мене за филмот, можам да кажам дека ќе бидеме горди на него. Сѐ што сум направил не сум направил сам сам, отсекогаш сум бил дел од некаква екипа. Ако немаш екипа, не можеш да направиш никаков исчекор. Филмот ќе излезе при крај на годината, а тука сме збрани за 2 август, да направиме еден музички празник“, рече Слаткаристика и додаде дека од негативните коментари се штити со исклучување.

„Ако не сакаш да си дел од тоа, едноставно се тргаш. Попат гледаш да ‘фрлиш’ еден туш, да се измиеш од сиот измет. Но, јас во тие денови добив толку многу љубов од вистински луѓе, а тоа е реално. ​Така што, секое лошо за добро е. Има и едно копче на Фејбук, се вика одјава и така се штитам“, кажа музичарот.

Тони Зен ја спореди големата популарност на македонската музика во моментов со филмот „Одмаздници“.

„Го оставивме Марко едно време да се бори самиот, но тој не се откажа. Ова што го гледате тука е ‘Одмаздници 2026’, и сите заедно придонесовме за тоа“, рече Тони Зен.

На прес-конференцијата која ја водеше Марко Марк беше и Мартин Филиповски од дуото „Некст тајм“ и рече дека му е драго што со Слаткар се пријатели и соработници и го најави концертот на „Некат тајм“ на 27 ноември во салата „Борис Трајковски“.

Тајзи, Тони Зен, „Дупер“ и „Некст тајм“ се дел од гостите на концерот на Слаткар (Фото: К.Попов)

Борис Какуринов и Илчо Нечовски од „Дупер“ рекоа дека им е чест што ќе бидат на иста сцена со Слаткар, кој го слушале како помлади и споделувале негови песни преку инфрацрвени зраци. „Дупер“ ќе одржи концерт на 5 август во Охрид и на 18 јули во Битола. Пејачот Тајзи кажа дека Слаткар е еден од најголемите уметници на македонската сцена, а публиката го сака заради искреноста.

„Ние организираме повеќе концерти оваа година, но секогаш македонските музичари ги ставаме на прво место. Ако самите не се поддржуваме, како ќе нѐ знаат подалеку од Табановце? Концертот на најголемиот македонски празник, во срцето на Македонија ќе биде со светска продукција“, најави менаџерот Кристија Стефановски од продукција „Прагма“. Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.

М. ЏАРОВСКА

 

Фото: К.Попов