КОМЕТАТА 3И/АТЛАС Е НАЈСТАРИОТ ПОЗНАТ ОБЈЕКТ КОЈ ДОШОЛ ВО НАШИОТ СОНЧЕВ СИСТЕМ, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИТЕ

САД, (Гардијан)

Научниците кои ја проучуваат кометата 3И/АТЛАС утврдија дека овој меѓуѕвезден посетител е извонредно древен: формиран бил пред околу 10 до 12 милијарди години во исконски планетарен систем и има состав различен од сè во нашиот Сончев систем.

Евалуацијата на хемискиот состав на 3И/АТЛАС, само третиот меѓуѕвезден објект некогаш забележан во Сончевиот систем, даде насоки за физичките и хемиските услови во планетарниот систем каде што се формирал, велат истражувачите.

„Кометата, која има дијаметар од околу 2,6 километри, е веројатно најстариот познат објект кој поминал низ Сончевиот систем“, кажа Мартин Кординер, планетарен научник и астрохемичар од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА во Гринбелт, Мериленд.

Истражувачите рекоа дека 3И/АТЛАС се создала во многу постудена средина, од минус 243 Целзиусови степени, од онаа во која се формирале Земјата и другите тела во нашиот Сончев систем пред околу 4,5 милијарди години. Тие кажаа дека поминала огромно растојание откако некако била исфрлена од својот матичен планетарен систем.

Истражувачите веруваат дека оваа комета се формирала во Млечниот Пат, но не можат да ја исклучат можноста дека потекнува од друга галаксија.

3И/АТЛАС сега се приближува кон орбитата на Сатурн и се очекува да помине покрај орбитата на џуџестата планета Плутон во 2029 и да излезе од надворешната граница на Сончевиот систем околу 2035 година.

(Фото: НАСА)