Трап пејачот Јанг Дади ја промовираше новата песна „Син на мама“, која веќе е достапна на Јутјуб и на музичките платформи, објави „Авалон“.
Видеоспотот беше објавен вчера (8 јули) и за кратко време има повеќе од 10 илјади прегледи.
„Син на мама“ е авторска песна на Јанг Дади, кој ги напиша музиката и текстот. Продукцијата е на Андреј Николов-Андрејник, кој е автор на аранжманот, миксот и мастерингот, а копродуцент е Димитар Николов. Видеопродукцијата е на „Такат студиос“, режисер на спотот е Генц Халими, а директор на фотографија е Борис Ралев.
Новиот сингл е уште едно продолжение на современиот музички стил по кој Јанг Дади е препознатлив, комбинирајќи модерна продукција со лична приказна и уникатен текст. Во изминатиот период тој беше активен на музичката сцена, објавувајќи неколку успешни синглови, меѓу кои „Лидија“, „Писмо“ и „Лудило без стоп“.
Јанг Дади на 12 септември ќе го одржи својот прв солистички концерт, во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Настанот е во организација на „Авалон“.