ВО ДОЈРАН ПОЧНУВА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“, ЛАУРЕАТ Е ТОНИ НАУМОВСКИ

Дојран, (СМАРТ СДК.МК)

Во Амфитеатарот во Дојран вечерва (10 јули) ќе се отвори 5. издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“.

По свеченото отворање во 20 часот ќе следуваат проекциите на краткометражниот македонски филм „Вошки“ (фото), во режија на Розе Симоновска и на долгометражниот филм „Држи се за мене“ на кипарската режисерка Мирсини Аристиду. Филмот е дел од официјалната селекција на фестивалот и е копродукција на Кипар, Данска, Грција и САД.

На свеченоста ќе му биде врачена наградата „Мето Јовановски“ на актерот Тони Наумовски. Признанието се доделува за високо уметничко достигнување во филмската уметност. По филмската програма, од 23 часот во Дојран ќе настапи групата „Пеперминт“.

Годинава земја во фокусот на фестивалот е Иран, а ќе се прикажат четири филма од современата иранска кинематографија. Во рамки на фестивалската програма се одржа панел-дискусија на тема „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм? Дали може иранскиот филм да се носи со предизвиците на модерното живеење?“. На панелот учествуваа Мердад Хамнеи, директор во студиото „Егзит Арт“, режисерот и сценарист Агим Абдула, кој дипломирал режија во Иран и филмологот Дамјана Ивановска од Кинотеката.

Хамнеи посочи дека официјалната иранска кинематографија има ограничено влијание врз публиката, додека независната, односно андерграунд продукција привлекува значително поголем интерес.

„Тие вложуваат средства за снимање на 90 до 100 филмови годишно, додека андерграунд кинематографијата снима околу 40. Речиси 30 проценти од публиката ги гледа официјалните филмови, а останатите се свртуваат кон независната продукција“, рече Хамнеи.

(Фото: „Синамон медија фактори“)