Паузата на полувремето во финалето на Светското фудбалско првенство ќе трае меѓу 20 и 25 минути поради музичкото шоу на кое ќе настапат Мадона, Џастин Бибер, Шакира и корејскиот бенд „Би-Ти-Ес“. Самото шоу ќе трае 11 минути, поради што организаторите на СП планираат подолга пауза.
Извори од ФИФА велат дека паузата би можела да трае околу 20 минути. Постоела и опција со нормална пауза од 15 минути, плус музичко шоу од 11 минути.
Правилата на играта, утврдени од Одборот на ФИФА, велат дека на играчите им следува пауза која не надминува 15 минути. Паузата на полувремето во финалето на ланското Светско клупско првенство траеше 24 минути, кога настапија „Колдплеј“, Доџа Кет и други.
Финалето се игра на 19 јули од 21 часот по средноевропско време на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси. Претходно, од 19:30 часот, ќе се одржи церемонијата на затворањето, на која ќе учествуваат Том Круз, Роби Вилијамс, Никол Шерцингер, Лаура Паузини и Џенифер Хадсон.
(Фото: АП)