Практично ја измислија електронската музика, но тоа останува свежо и ефектно и по толку многу време. „Крафтверк“ испорачаа уште еден концерт вреден за паметење, овојпат на отворено, на Стадионот на АРМ во Градски парк, каде што нивната музичко-сценска впечатливост уште повеќе дојде до израз.
Концертот беше час по историја на електронската музика и штета е што во публиката немаше повеќе млади за да го видат и слушнат еден од највлијателните и најиновативни бендови во историјата. Во музиката на „Крафтверк“ можат да се насетат многу нијанси од она што ќе проилезе од неа – од електропоп до гоа транс.
Ова беше трет настап на „Крафтверк“ во Скопје, по оние на Саем во 2005 и во арената „Борис Трајковски“ во 2018, но повторно беше различен. Пред осум години, Македонија првпат гледаше концерт низ 3Д очила, а сега визуелизациите уште повеќе ги истакнуваа звуците и пораките на бендот. Се задржа ретро моментот, што ја враќаше публиката во „Ем-Ти-Ви“ ерата.
Ралф Хитер, кој следниот месец ќе наполни 80 години, останува движечката сила на „Крафтверк“, чија музика и по толку многу децении успева да ја задржи хипнотичката моќ врз публиката. Хитер, чиј вокал е легендарен исто колку и музиката на „Крафтверк“, за момент ѝ се обрати на публиката за да му оддаде почит на прославениот јапонски композитор Рјуичи Сакамото, па во негова чест ја изведоа песната „Radio-Activity“, што можеби беше хајлајт на вечерта.
Двочасовниот концерт беше во рамките на турнејата „Мултимедија“, а го организираше „Авалон“.
Г. КОНЕВ