Турскиот диџеј и продуцент Махмут Орхан ги разигра охриѓани и туристите на шоуто кое се одржа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Светската диџеј ѕвезда ги собра љубителите на електронската музика од земјата и странство, потсетувајќи зошто е еден од најпопуларните диџеи денес.
Орхан е музички продуцент од Турција кој стекна глобална слава со својот специфичен спој на хаус и традиционални ориентални и етно-мотиви. Неговата кариера брзо тргна нагоре со огромниот хит „Чувствувај” (Feel), по што следеа и други светски познати синглови како „Спаси ме“ (Save Me) и „Летај над“ (Fly Above).

Неговите хитови бројат стотици милиони прегледи на музичките платформи, а неговиот уникатен стил му носи настапи на најголемите фестивали и клубови низ целиот свет.
Орхан ги изведе своите најпознати хитови, со кои ја крена публиката на нозе.
Во момент од вечерта, од публиката му го подадоа македонското знаме. Орхан со насмевка го зеде, го бакна во знак на почит и го стави на себе, што предизвика громогласни воодушевување кај присутните.
Ова беше врвно шоу со богати сценски ефекти кое го организираше продукција „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА