Популарното дуо „Дупер“ на 5 август ќе одржи во Античкиот театар во Охрид, а пред настапот велат дека публиката ќе слушне песни кои ја одбележаа нивната кариера, но и дека ќе ја почувствува енергијата по која се препознатливи.
За дел од нивните најголеми хитови, како „Не сум твој тип“ и „Може, може, може“, велат дека не постои однапред утврден рецепт.
„Нема некое правило кај нас. Некогаш песната ќе се роди за еден ден, а некогаш ќе ја работиме со месеци. ‘Не сум твој тип’ дојде многу спонтано, од една идеја што веднаш ни звучеше искрено и препознатливо. Не ја форсиравме, едноставно си го најде патот. ‘Може, може, може’ е сосема друга енергија, таму од самиот почеток имавме моќен рефрен и почувствувавме дека има нешто што те тера да се движиш. Најважно ни е песната да звучи како нас, а не како нешто што е моментално популарно“, велат Борис Какуринов и Илчо Нечовски.
По неколку години на сцената сметаат дека најголемата промена кај нив не е само музичка, туку и лична.
„По првата песна, најмногу од сѐ, созреавме. На почетокот сè ни беше ново и сакавме да пробаме сè. Денес подобро знаеме што сакаме да кажеме и што не сакаме да правиме. Музички сме многу послободни, а како луѓе научивме дека најважно е да останеш нормален и покрај убавите моменти, но и покрај разочарувањата што ни доаѓаат по патот“, велат членовите на „Дупер“.
Најубавите спомени им останале од настапите на кои публиката ги пеела нивните песни од почеток до крај.
„Има многу настапи што ни останале во сеќавање, но секогаш најсилни се тие каде што чувствуваш дека публиката ти ја знае секоја песна. Тоа е чувство што тешко се опишува. Анегдоти има безброј, од технички проблеми до ситуации кога нешто ќе тргне сосема непланирано, а на крај ќе испадне уште подобро. Со текот на времето сфативме дека тие моменти најмногу се паметат“, велат музичарите.
Концертот во Античкиот театар во Охрид кој го организира продукција „Прагма“ за нив има посебна тежина и одговорност.
„Такви места сами по себе носат тежина и инспирираат огромна почит. Не значи дека во клуб даваш помалку од себе, но кога ќе излезеш на сцена како Античкиот театар, чувствуваш дека си дел од нешто поголемо. Тоа носи и поголема одговорност, но и огромна чест“, велат тие.
Досега надвор од Македонија настапиле во Љубљана, а велат дека сакаат да свират и во другите земји од регионот, иако Македонија и Скопје остануваат нивната база.
„Досега сме настапиле во Љубљана, тоа ни е прво искуство надвор од Македонија. Секако, расположени сме да се прошетаме и кај соседните држави, иако гледаме Македонија и Скопје да ни бидат матица. Ако се појави можност, нормално дека ќе ја искористиме“, додаваат од „Дупер“.
Во моментов, тие се актуелни со дуетот со Слаткаристика „ОК“, а ќе бидат гости на неговиот концерт на 2 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, За соработката со Слаткар, велат дека се случила сосема природно.
„Сè почна многу природно. Се запознавме преку музиката, но брзо сфативме дека имаме сличен начин на размислување. Најмногу нè поврзува тоа што и покрај сè што има постигнато, останал приземен човек. Со такви луѓе најлесно се работи затоа што нема непотребно его, туку само желба да се направи добра песна“, велат тие.
Често разговараат и со композиторот Борче Нечовски, таткото на Илчо, чии совети ги ценат.
„Секогаш е убаво кога ќе добиеш мислење од некој што има толку големо искуство. Некогаш се татковски, некогаш професионални, најчесто комбинирани совети. Не значи дека секогаш ќе го следиме секој совет, но вредно е да слушнеш поинаква перспектива. На крајот одлуките ги носиме сами, но убаво е кога имаш некој што е искрен и добро ти мисли“, велат музичарите.
За своето место на домашната музичка сцена велат дека никогаш не размислувале низ споредби со другите.
„Не размислуваме многу каде нè сместуваат другите. Нашата цел отсекогаш била да правиме музика што ќе ни се допаѓа на нас двајца и што според нас шири некоја позитивност, нешто што на секој му треба во денот. Ако успееме да бидеме препознатливи по тоа што сме свои, тоа е најубавото место што можеме да го имаме на сцената“, велат Нечовски и Какуринов.
М. ЏАРОВСКА