КАНАДСКИОТ УЛИЧЕН КОШАРКАР МАТ КИЈАТИПИС СО ТРИ НАСТАПИ ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 12 до 14 август, канадскиот изведувач на улична кошарка со грчко потекло Мат Кијатипис ќе има минитурнеја во Македонија, насловена „Македонија презема“.

Проектот, во организација на „Лолипоп ентертејнмент груп“, ќе ги спои спортот, музиката, културата, гастрономијата и дигиталните медиуми, а ќе содржи јавни кошаркарски настани во Скопје, Куманово и Охрид и снимање промотивни видеа на повеќе локации низ Македонија.

Кијатипис гостува на 12 август во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, следниот ден е во „ММ Спорт и евент центар“ во Куманово, а на 14 август ќе има шоу на плажата „Голден бич“ во Охрид. Сите настани се од 18 до 21 часот.

Мат Кијатипис е познат по своите атрактивни кошаркарски настапи и видеа со милионски прегледи на социјалните мрежи. Организаторите очекуваат турнејата да ја претстави Македонија пред глобална публика преку содржини што ќе бидат објавувани на Инстаграм, ТикТок и Јутјуб.