Српскиот виолинист со светска слава Стефан Миленковиќ вчера одржа концерт под свеќи со камерниот оркестар „Профундис“ на 66. Охридско лето. Предворјето на црквата „Света Софија“ беше преполно со публика од повеќе земји, а декорацијата со свеќите направи уникатна и романтична атмосфера и на публиката ѝ понуди несекојдневно аудиовизуелно доживување.
„Драго ми е што сум повторно во Охрид. Овде е речиси студено. Доаѓам од Виена, каде што беше 41 степен и мислев дека е крајот на светот. Очекував жешко и во Охрид, но се разладив по Виена“, ѝ рече виолинистот на публиката.
На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс и виртуозната „Кармен фантазија“ оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература.

Миленковиќ и претходно соработувал со „Профундис“, со кој диригира Ѓурѓица Дашиќ и рече дека му е драго што повторно свират заедно. Со својата перфектна изведба и прецизност, чудото од дете, како што го нарекуваа во поранешна Југославија, ја воодушеви публиката, која го врати на бис со стоечки аплауз.
„Секогаш со големо задоволство настапувам со ‘Профундис’. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но, пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога доаѓам на Охридско лето. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со многу топлина и љубов“, рече Миленковиќ.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 од диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе генерации. Идејата на „Профундис“ е да биде висококвалитетен професионален ансамбл, кој, покрај важни дела, ќе прави праизведби на дела од современи автори од класичната музика, ќе биде во функција на македонските врвни солисти и на македонските современи автори и ќе носи светски музичари како гости.
М. ЏАРОВСКА