Првото издание на „Џез-вечери“ во рамките на Охридско лето ќе се одржи од 13 до 16 август, во организација на радиото „Џез ФМ“ и Охридско лето. Програмата ќе се реализира во црквата „Света Софија“ и на сцената Долни Сарај, а ќе има шест концерти со настапи на музичари од САД, Германија, Грција, Гана, Холандија, Велика Британија и Македонија.
Програмата ќе биде отворена на 13 август во црквата „Света Софија“ со концертна промоција на албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски (фото). Него ќе го придружуваат вокалите Христијан Моневски и Дамјан Палоски и контрабасистите Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски.
Истата вечер ќе настапи и Дине Донеф со неговото трио.
На сцената Долни Сарај на 14 август, Националниот џез оркестар ќе се претстави со својата концертна програма „Македонски сновиденија“, а специјален гостин ќе биде Питер Сомуа, трубач со потекло од Гана, кој денес живее и твори во Ротердам. Следната вечер Сомуа ќе настапи со својата група, а потоа и квартетот на Нубаја Гарсија.
„Џез вечерите“ завршуваат на 16 август со британскиот состав „Киото“.