ФИЛМОВИТЕ ВО РЕГИОНОТ СЕ ПРАВАТ ОД ЉУБОВ, НО СО ПОДДРШКАТА ОД ЕУ Е МНОГУ ПОЛЕСНО, РЕКОА ФИЛМАЏИИТЕ НА САРАЕВСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Филмот има моќ да отвори важни општествени теми и да поттикне разговор, но сам по себе не е доволен за суштински промени“, рекоа филмаџиите од регионот на панелот „Култура што поврзува – европски можности за креативните индустрии“, одржан во рамките на Сараевскиот филмски фестивал.

Во фокусот беше поддршката од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“, која им помага на филмските автори во развојот на проектите, меѓународното поврзување, копродукциите и нивниот пат до поширока публика.

На панелот беше кажано дека културата и филмот можат да ги преиспитуваат предрасудите, да понудат различни перспективи и да градат мостови меѓу луѓето. Учесниците рекоа и дека фестивалите се особено важни бидејќи овозможуваат непосредна средба со публиката и разговор за темите што ги отвораат филмовите.

Посебно беше нагласена важноста на поддршката за младите автори и креативци, како и потребата од посилни национални фондови во земјите од регионот.

Како пример за општественото влијание на филмот беше земен документарецот „Небото над Зеница“, кој по премиерата го засили јавниот разговор за загадувањето. Учесниците рекоа дека еден филм не може сам да реши општествен проблем и дека се потребни дополнителни разговори, активности и кампањи.

На панелот беше кажано и дека развојот на еден филмски проект трае со години и дека европската поддршка им дава на авторите повеќе време и сигурност за да го доведат проектот до крај.

„Филмовите во регионот се прават од голема љубов и од тоа никој не живее, но со ‘Креативна Европа’ е многу полесно“, рекоа филмаџиите на панелот.

Годинава првпат два македонски филма се во официјалната натпреварувачка селекција за долгометражен игран филм на Сараевскиот филмски фестивал, „17“ на Косара Митиќ и „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Во официјалната документарна селекција е „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски. „Кучињата немаат соништа“ е на Ханис Багашов и е дел од програмата „Тин арена“.

Сараевскиот филмски фестивал завршува вечерва (21 август) со церемонијата на доделување на наградите.

М. ЛАЗАРЕВСКА