На 22 и 23 септември во Националната опера и балет ќе се одржи Самитот за вештачка интелигенција „Филип Аврамчев“ (AI Tech Summit „Filip Avramchev“), кој продолжува да ја гради својата визија како независна регионална платформа посветена на развојот и практичната примена на вештачката интелигенција. Под мотото „Human x AI – Каде што иновацијата се сретнува со човечкиот потенцијал“, акцентот на годинашниот самит ќе биде ставен на односот помеѓу човекот и технологијата и начинот на кој вештачката интелигенција секојдневно ги менува индустриите, работните процеси и можностите за создавање нова вредност.
Самитот е замислен како простор каде што професионалците, претприемачите, истражувачите, иноваторите и претставниците на државните институции можат да разменат знаења, практични искуства и идеи за иднината на ВИ екосистемот.
И оваа година присутните ќе имаат можност да слушнат за последните новитети во светот на вештачката интелегенција од претставници на реномирани компании, меѓу кои се: Фатос Исмали од „Мајкрософт Велика Британија“, Алистер Гринбуд од „OmniforceAI“, Руи Педро Мачадо од „Maio Labs“ и други. Нивното учество ќе прикаже различни перспективи од светот на вештачката интелигенција, машинското учење, технологијата, претприемништвото и практичната примена на ВИ.
За повеќе информации за програмата, говорниците, можностите за учество и билетите, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница www.techsummit.ai.