ПРОМОЦИЈА НА ДВОЈНАТА ПЛОЧА НА „ФОЛТИН“ ПРЕД ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ ВО ХЕРАКЛЕЈА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (26 август) од 19 часот, во галеријата „Божиновски“ на Широк Сокак во Битола ќе се одржи слушачка промоција на двојната плоча на бендот „Фолтин“, „Фолтин во живо“, како дел од одбележувањето на 30 години концертна активност.

Бендот го опишува изданието како своја звучна монографија, на кој концертната енергија е преточена во аналоген запис. Материјалот е снимен во живо во Пловдив и Скопје на аналогна опрема, а винилот е печатен во „Сони“ во Виена. На промоцијата ќе се слуша на специјално дизајнирани звучници изработени од инженерскиот тим на „Теохаров“, со аудиофилска поддршка од „Аудиокултура“.

Посебно изненадување е подготвено за оние кои присуствувале на првиот концерт на „Фолтин“ во Хераклеја пред 30 години, кои на промоцијата ќе добијат бесплатна влезница за јубилениот концерт на 29 август.

Концертот „Фолтин 30“ е финале на годинашниот Битфест и со него бендот се враќа на местото каде што пред три децении го одржа својот прв концерт.

„Не се враќаме во Хераклеја за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, кажаа од „Фолтин“ на прес-конференција во Битола.

Од „Фолтин“ најавуваат дека одбележувањето на 30-годишнината ќе продолжи и по 29 август со нови музички, издавачки и други проекти.

Ж. ЗДРАВКОВСКА 

Фото: С.Рајхл