Народен театар Битола на 3 септември ја отвора новата сезона со разновиден репертоар, гостувања и настапи на фестивали во земјава и во странство.
Сезоната почнува со „Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, која ќе се игра и на 4 септември. На програмата се и „Госпоѓа Бовари“ во режија на Дејан Пројковски, „Странецот“ во адаптација и режија на Дамјан Читкушев, „Ричард III“ на Мартин Мирчевски, „Пламенка“ на Софија Ристевска-Петрушева, „Пинокио“ на Деан Дамјановски, „Жиголо“ и „На отворено море“ во режија на Благој Мицевски и „Секстет“ на Марјан Георгиевски.
Следниот месец се предвидени и неколку гостувања. На 10 септември во Битола гостува театарот Звездара од Белград со претставата „Уна“, додека на 11 септември „Едмонд“ ќе биде изведена на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица. „Пинокио“ на 18 септември гостува на ТФД „Силјан Штркот“ во Прилеп.
Битолскиот театар ќе гостува и во Албанија, каде што на 25 септември „Кориолан“ ќе биде изведена на фестивалот „Волшебни ноќи во Бутринт“.
„Септември носи многу многу приказни и многу причини повторно да се сретнеме во Битолски театар“, велат од Народен театар Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА