МајСпејс, некогаш најголемата социјална мрежа во светот, навестува враќање. Нејзините сопственици, браќата Тим и Крис Вандерхук, велат дека планираат повторно да ја лансираат платформата, иако засега не се објавени датум или детали.
Ова доаѓа во време кога многу корисници на социјалните медиуми се враќаат на носталгични, аналогни искуства, наместо на оние водени од алгоритми.
Портпаролот на „Вијант“, сопственикот на МајСпејс, вели дека компанијата нема никакви новости за споделување во овој момент. Но, самата идеја за враќање предизвика носталгија кај луѓето кои се сеќаваат на МајСпејс од пред повеќе од 20 години како место каде што личните профили беа неуредни, гласни и длабоко индивидуални.
МајСпејс започна во 2003 и брзо стана културен центар, помагајќи им на музичари како „Арктик манкис“, Адел и Ники Минаж да најдат рана публика. Но, неговите високо прилагодени страници, автоматско пуштање музика и натрупан распоред на крајот станаа товар. Почистиот, поедноставен дизајн на Фејсбук ги одвлече корисниците, а МајСпејс се мачеше со редизајни и промени во сопственоста. пред да исчезне од мејнстрим употребата.
Експертите за маркетинг велат дека неговото враќање ќе зависи од учењето од таа историја.
„Платформата беше првиот двигател во социјалните медиуми, но стана премногу комплексна за многумина корисници. Оригиналните предности, како музиката, креативноста и личниот израз, сè уште би можеле да резонираат, но само со подостапен дизајн“, смета Алекса Фокс, професорка по маркетинг на Универзитетот во Акрон.
За Монтика Хокинс, 31-годишна агентка за недвижности од Атланта, Мајспејс не беше само веб-страница, тоа беше ритуал.
„Можевте да бидете автентични на Мајспејс. Се објавуваа сирови слики, без филтри. Можевте да имате мрсна коса и никој да не ве осудува“, вели таа.
Засега, враќањето на МајСпејс е само флерт, потсетник на времето кога социјалните медиуми беа помалку дотерани и многу повеќе лични.
(Фото: Гети)