Социјалната мрежа на Доналд Трамп, Truth Social, е лансирана во ограничена форма на американскиот Apple App Store. Апликацијата има сличности со Твитер, омилената социјална мрежа на Трамп, на која му беше забранет пристапот по ланскиот упад на неговите приврзаници во американскиот Конгрес.

Лидерот на проектот, поранешниот конгресмен Девин Нунес, очекува социјалната мрежа да стане целосно оперативна до крајот на март. Некои рани корисници имале проблем да се регистрираат.

„Поради преголемиот интерес, ќе ве ставиме на листата на чекање“, им било кажано на некои од нив, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Минатата недела, Доналд Трамп Џуниор сподели скриншот од првата „вистина“ објавена од татко му, која гласеше: „Бидете подготвени! Наскоро доаѓа вашиот омилен претседател“.

Покрај Твитер, Трамп беше исфрлен и од Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, по што најави дека ќе лансира своја сопствена платформа. Тој вели дека Truth Social ќе биде шампион на слободата на говорот и нема да цензурира како Фејсбук и Твитер.