„Силви бенд“ ќе одржи јубилеен концерт на 13 октомври во Националната опера и балет (НОБ) во Скопје, од 20 часот.
Силвана Мучиќ-Плевнеш и Влатко Плевнеш ќе настапат со голем придружен бенд, а на концертот ќе пеат избор од песните што ја одбележаа нивната долгогодишна кариера.
Минатата година „Силви бенд“ одбележа 35 години со концерт во Античкиот театар во Охрид со симфониски оркестар. На концертот, Силвана Мучиќ-Плевнеш рече дека ќе пее сè додека може да стои.
Пред концертот таа кажа дека сакале 35-годишнината да ја прослават недалеку од семејната куќа на семејството Плевнеш во која ги поминуваат летата.
„Силви бенд“ на 24 јули годинава одржа концерт во Домот на култура во Охрид. На концертот, дуото му оддаде почит и на нивниот долгогодишен пријател и соработник Владо Јаневски, кој почина на 28 јуни. Силви се расплака додека ја пееше неговата „Некогаш и негде“, песна што специјално ја подготвиле за концертот.
Влезниците за концертот на 13 октомври се во продажба преку мрежата на Купи карта.