ЈА ИСПЕАВ ПОСЛЕДНАТА ПЕСНА НА КИРЕ КОСТОВ НА ОХРИД ФЕСТ, КОЈА ЗА ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ Е ПРОДОЛЖЕНИЕ НА „ТАЈНО МОЈА“, ВЕЛИ СТЕФАН СПИРОСКИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Пејачот Стефан Спироски ја испеа последната песна на легендарниот композитор Кире Костов на фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури. За „Дури постојам“, која Костов ја напишал пред неговата смрт, Спироски ги доби првата награда од стручното жири и наградата за најдобар сценски настап.

Песната била снимена уште на почетокот на 2023, но Спироски ја чувал речиси три години. За СМАРТ СДК.МК вели дека му биле потребни време и храброст да ја објави, бидејќи чувствувал голема одговорност поради фактот што токму тој треба да ја отпее последната песна на Кире Костов.

„Песната ‘Дури постојам’ беше кај мене подолго време, уште пред да почине Кире Костов. Снимена е на почетокот на 2023. Некако ми требаа време и храброст да го направам овој чекор, затоа што знаев колкава одговорност носи тоа што треба да ја отпеам последната песна на Кире Костов. Сите знаеме кој беше Кире и што значеше за македонската музика, па сакав да бидам сигурен дека ќе го дадам најдоброто од себе и дека песната ќе ја изведам на начин достоен за неговото име. По неколку години, конечно почувствував дека е вистинскиот момент да ја споделам со публиката“, вели Спироски.

Кире Костов (Фото: Фејсбук)

Тој вели дека отсекогаш имал желба да добие песна од познатиот композитор, верувајќи дека токму тој може да го долови музичкиот стил што го барал.

„Знаев дека тој е еден од ретките автори кој може да напише песна во духот на она што го барав, особено во стилот на Тоше. Затоа му се јавив на еден близок пријател и му реков: ‘Сакам да ме поврзеш со Кире, сакам да ми напише една добра песна во стилот на Тоше, затоа што мислам дека само тој може да го направи тоа’. Така започна целата приказна и така настана ‘Дури постојам’“, вели пејачот.

Стефан Спироски со танчарките од студиото „Бах“ (Фото: Приватна архива)

Со Костов се познавале кратко, а Спироски вели дека во тој период не можел ни да претпостави дека токму оваа песна ќе биде последната што ја напишал познатиот автор.

„Ни на сон не би ми текнало дека токму кај мене ќе биде последната песна на еден од нашите најголеми автори, кој зад себе остави околу 700 песни. За мене, ‘Дури постојам’ има посебно значење, не само затоа што е песна од Кире Костов, туку и поради начинот на кој дојде до нејзиното создавање“, додава тој.

Текстот за „Дури постојам“ го напиша Огнен Неделковски, а зад неговата соработка со Спироски стои интересна приказна поврзана со „Тајно моја“ на Тоше Проески.

„Пред неколку години, Стефан Спироски ми побара дозвола да сними обработка на ‘Тајно моја’. Јас не го дозволив тоа, исто како што своевремено не дозволив една клапа од Хрватска да го направи тоа. Сметам дека таа песна не треба да ја пее никој друг освен Тоше. Тогаш му реков на Стефан дека ќе му подарам еден текст кога ќе сними своја песна“, вели Неделковски за СМАРТ СДК.МК.

Набргу потоа, Спироски му ја испратил мелодијата од Кире Костов, која веднаш го инспирирала Неделковски да ги напише стиховите.

„На мое изненадување, тој ми достави демо-снимка од Кире Костов. Мелодијата беше извонредна, како и сите дела на Кире и тогаш првпат дознав за неговата болест. Мелодијата силно ме инспирираше и ги создадов стиховите за песната ‘Дури постојам’“, рече Неделковски.

Текстописецот открива дека песната има и директна врска со „Тајно моја“.

Огнен Неделковски (Фото: Фејсбук)

„Песната е своевидно продолжение на приказната од ‘Тајно моја’ и затоа во неа повторно се споменати оние висини. Стефан одлично ја испеа песната, но од нејасни причини ја чуваше во фиока. Дури неколку години по заминувањето на маестро Кире Костов, ете, песната ја доживеа својата промоција на Охрид фест и се закити со првата награда од жирито. Тоа е уште еден доказ дека делата остануваат да живеат долго по своите автори“, вели Неделковски.

Тој се надева дека Спироски ќе сними и спот за песната.

Спироски вели дека наградите од Охрид фест му се особено драги, затоа што ги освоил токму со песната на Костов.

„Премногу сум горд што ја освоив првата награда од стручното жири, како и наградата за најдобар сценски настап. За сценскиот настап огромен придонес има танчарското студио ‘БАХ’ од Струга. Прекрасно се чувствувам и ова за мене е голема мотивација за сè што следува“, вели младиот пејач.

Тој му е благодарен и на Неделковски за стиховите.

„Тој ѝ даде посебна емоција на целата песна и ми беше огромно задоволство да ја испеам“, кажа Спироски.

По успехот во Охрид, Спироски продолжува да работи на нов материјал. Најавува соработки со Григор Копров и Огнен Неделковски, но и песна што за него ја напишала хрватската пејачка и авторка Антонија Шола.

„Во моментов работам на уште неколку нови песни. Една од нив ја подготвувам со Копров и Неделковски, а веќе работам и на песна со Антонија Шола, која таа лично ми ја напиша. Имам уште многу планови и се надевам дека периодот што следува ќе донесе уште многу убава музика“, вели Спироски.

М. ЏАРОВСКА