Мјузиклот „Као Какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, ја започнува новата театарска сезона со две изведби во Македонскиот народен театар (МНТ) на 10 и 11 септември од 20 часот. Организаторите велат дека двете претстави се пред распродавање.
Во текот на летото, „Као какао“ беше изведен на три фестивали. Мјузиклот го отвори Битолското културно лето, беше завршна претстава на Охридско лето, а гостуваше и на „Град театар Будва“, на сцената меѓу црквите во Стариот град. Заедно со првите изведби во Скопје, мјузиклот досега го виделе околу 6.000 гледачи во Македонија и Црна Гора.
„Као какао“ е оригинален македонски мјузикл во кој музиката на Стефановски е вклопена во драмска приказна создадена за театар. Автор на текстот и драматург е Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска. Продуцент е „Баги комуникации“.
(Фото: С. Рајхл)