Американскиот рапер Џеј Зи се навраќа на својата 30-годишна кариера, приватниот живот и односите со некои од најпознатите имиња во музиката во документарната серија „Џеј Зи во 8“, која во моментов се прикажува на „Ејч-Би-О“.
На 2 октомври беа објавени петтата и шестата од вкупно осум епизоди, во кои Џеј Зи зборува и за соработката со Канје Вест.
Серијата има осум епизоди и е снимена како долг и отворен разговор меѓу Џеј Зи и неговиот долгогодишен пријател и познат музички продуцент Рик Рубин. Двајцата разговараат за музиката и текстовите на раперот неговото детство, животните искуства и креативниот процес зад дел од неговите најпознати песни.
Светската премиера на серијата се одржа во Метрополитен операта во Њујорк, каде што меѓу гостите беа Бијонсе, Леонардо Дикаприо, Сиза, Фет Џо и други познати личности.
„Не го снимивме документарецот со намера да излезе токму во овој период. Едноставно бевме љубопитни да разговараме за музиката и пишувањето“, рече Џеј Зи на премиерата.
Во серијата тој се навраќа на песни од различни периоди од кариерата, но разговорите навлегуваат и во неговиот приватен живот, од растењето во Бруклин и односот со мајка му Глорија Картер до бракот со Бијонсе.
Раперот зборува и за сложениот однос со својот татко Аднис Ривс, кој го напуштил семејството кога тој бил дете. Тие повторно се сретнале непосредно пред смртта на Ривс во 2003, а Џеј Зи вели дека тој разговор му помогнал да се соочи со дел од болката што ја носел од детството.
Годинава се одбележуваат и 30 години од неговиот дебитантски албум „Reasonable Doubt“, објавен во 1996.