Се одржа второто издание на метал фестивалот „Скопје фјури“ (Skopje Fury) и штета е што сите овие одлични бендови не можеа да се доживеат во првично замислениот амбиент – на отворено. Но, економскиот момент за сите вклучени е таков каков што е, па организаторот „Терорвоид“ ден пред фестивалот објави дека тој се сели од паркот зад Младински културен центар во Денсинг салата, чесно признавајќи дека не се продадени доволно карти.
Штета е што трудот на ентузијасти без големи спонзори зад себе не наидува барем на поголема поддршка од локалната метал заедница, која, сепак, не е така мала, зашто никој не може да се пожали дека имињата на учесниците се слаби и непривлечни. Од осумте групи кои настапија, пет беа странски, од кои три се светски познати, од кои една е на проштална турнеја, а една е доста актуелна во моментов.
Така, место целодневна open air метал забава како лани, „Скопје фјури 2026“ беше збир на концерти во топло и задушливо. Но, и во такви услови, публиката даде сѐ од себе, од „Saidon“ до „Yoth Iria“, а тоа се респектабилни речиси осум часа моќна енергија.
Покрај „Saidon“, видовме уште два домашни бенда, „Gargoyles“ и „Trendkill“ и два претставника на италијанската треш метал сцена, „Spoiled“ и „Game Over“, пред можеби најголемото шоу на вечерта, настапот на холандските дет метал ветерани „Disavowed“, чиј фронтмен Робе Кок „испеа“ неколку рефрени носен на рацете на фановите.
Гостувањето на „The Crown“ беше ексклузивно за регионот, но и прво и последно во Македонија, бидејќи тековната серија концерти е завршното поглавје во 30-годишното постоење на шведската група. Беше чест да се биде дел од тоа, да се слуша како „The Crown“ го „растураат“ МКЦ.
Новите ѕвезди на грчката и светската метал сцена „Yoth Iria“ беа соодветен избор за крај на фестивалот, за дотогаш суровата жестина да се ублажи со малку мелодичност и меланхолија со епски призвук.
„Скопје фјури 2“ имаше посилна програма од лани, но, севкупно, не беше надградување. За тоа, а и за опстанокот на фестивалот, ќе треба повеќе публика.
Г. КОНЕВ