Изложба на уметникот Игор Тошевски ќе се отвори денеска (22 септември) во 20 часот во Културниот центар „Јадро“ во Скопје. Изложбата е насловена „Фикции“.
„’Фикции’ ги спојува гласните филмски наслови на платно со тивките редимејд објекти за да претстави судир помеѓу кинематографскиот мит и критичката мисла. Позајмувајќи ја естетиката на висок контраст, остри сенки и драматична типографија од ноар филмот од средината на минатиот век, изложбата ги преведува постструктуралистичкото истражување и културната теорија во остри визуелни декларации. Заедно, текстот и објектот конструираат тензија помеѓу знакот и реалноста, сенката и супстанцијата, трудот и илузијата. ‘Фикции’ ги поканува гледачите во соба со неснимени филмови и теоретски трилери, каде што публиката е ставена во просторот помеѓу она што е видливо, она што се кажува и она што останува затскриено“, стои, меѓу другото, во есејот на Искра Гешоска.