Поп-пејачката Теа Трајковска ја објави новата песна „Карамела“, со која го најавува миниалбумот „Астро“. Проектот ќе има четири песни, секоја инспирирана од различен хороскопски знак, а „Карамела“ е посветена на вагата.
Текстот е на Трајковска, а музиката и аранжманот на Лазар Цветкоски, кој е и продуцент на проектот.
„’Карамела’ е првата песна од мојот нов миниалбум, која решивме заедно со мојот продуцент да ѝ ја претставиме на публиката. Ја избравме токму неа затоа што можеби е една од најспецифичните песни на албумот, но и затоа што е песна на која најдолго работиме“, вели Трајковска.
Песната доби и видеоспот во ретро-филмски стил, кој го режираше Никола Наумовски.
На миниалбумот „Астро“ ќе се најдат уште три песни: „Меѓу добро и зло“, инспирирана од овенот, „Ноќта нема крај“, посветена на стрелецот и „Ми амор“, инспирирана од девицата.