ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА БРИЖИТ БАРДО ПРОДАДЕНИ ЗА РЕЧИСИ МИЛИОН ЕВРА НА АУКЦИЈА ВО ПАРИЗ

Париз, (Гардијан)

Лични предмети на француската филмска легенда Брижит Бардо се продадени за речиси еден милион евра на аукција во Париз. На продажба беа понудени 285 предмети, а вкупната сума е речиси 20 пати поголема од првичната проценка.

Меѓу предметите се сламени шешири, очила, ноќници, садови, мебел, гитари и други лични работи од нејзините домови во Сен Тропе и Париз. Нејзин автопортрет достигна цена од речиси 40.000 евра, а машината за пишување на која ја пишувала својата автобиографија е продадена за 4.634 евра.

Сопругот на Брижит Бардо вели дека нејзините лични предмети требало да бидат зачувани како дел од нејзиното наследство (Фото: Шатерсток)

Приходите од продажбата ќе бидат наменети за Фондацијата „Брижит Бардо“ за заштита на животни и за нејзиниот единствен син Никола-Жак Шарие.

Бардо почина во декември 2025 на 91 година. Таа ја основа фондацијата во 1986 и последните децении од животот во голема мера ги посвети на заштитата на животните.

Нејзиниот последен сопруг Бернар д’Ормал ја критикуваше аукцијата, велејќи дека личните предмети требало да бидат зачувани како дел од наследството на актерката. Од фондацијата, пак, рекоа дека продажбата била одобрена од управниот одбор.

(Фото: АП)