ВЕЛЕШКИТЕ УЧЕНИЦИ ЈА ОДРЖАА 13. ПАРАДА НА МИРОТ И ИСПРАТИЈА ПОРАКИ ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Со пораките „Биди причина некој да се чувствува безбедно, а не уплашено“, „Секое насилство е пораз, секој мир е победа“, „Насилството остава рани“, „Модриците ќе исчезнат, болката ќе остане“, „Наместо солзи – насмевки, наместо страв – надеж, наместо омраза – љубов“, велешките гимназијалци ја одржаа 13. „Парада на мирот“.

Со марш по велешките улици, учениците од гимназијата „Кочо Рацин“ ја одржаа парадата под мотото „Стоп за врсничкото насилство“. Со пораките, тие повикаа на почит, прифаќање, емпатија и безбедна средина за секој ученик.

„Парадата беше уште еден потсетник дека за насилството не треба да молчиме. Со зборови на разбирање, со почит и со заеднички чекори можеме да создадеме свет во кој секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и вреднувано. Заедно против насилството, заедно за мирот“, порачаа учесниците на парадата.

Учениците од гимназијата маршираа заедно со деветтоодделенците од некои велешки основни училишта, испраќајќи порака: мирот започнува таму каде што завршува омразата. И годинава, парадата беше во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, дел од проектот „Мировно образование“.

П. ПЕЧКОВ