Петтото издание на Фестивалот на џез, светска и современа музика во Велес годинава ќе се случува на 25, 26 и 27 септември, а доаѓаат гости од Австрија, Финска и Израел.
На отворањето во 19 часот ќе настапат Данчо Саздов и Борче Конзулов со видеопроекција на платото пред театарот. Од 21 часот на големата сцена е концертот на скопскиот состав „Некст ту сајленс“. На 26 септември во Градски парк, Ненад Стефановски ќе пушта македонски евергрини и шлагери, а Фатиме Мефаилоска ќе одржи психолошка работилница за деца „Островот на емоциите“. Вечерта од 21 часот, во големата сала на Велешкиот театар настапува „Борд сосаети“ од Австрија.
„Гостите се џез квартет со моќен звук и свој препознатлив пристап кон современиот џез. Нивната музика ги спојува модалниот џез, впечатливите звучни текстури, силните ритми и импровизацијата, создавајќи звук кој истовремено е комплексен, атмосферичен и енергичен“, кажа Сашко Костов од „Арт генерација“, организатор на фестивалот.
„На 27 септември фестивалот се сели на платото пред Спомен-костурницата. Од 20 часот настап ќе имаат Лемпи и Шејли Шмули со фински, односно израелски етно мелос. Од 21 часот е велешкиот дицеј Дарко Спасовски“, рече Фаик Мефаиловски, кој е дел од организацијата.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка од Општина Велес и спонзорства од велешки компании, а без помош од Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ
Фото: Фаик Мефаиловски, градоначалникот Марко Колев и Сашко Костов