Во чест на Тоше Проески, дискографската куќа „Хит рекордс“ ја објави двојната плоча „Најдоброто од Тоше Проески“ со 16 песни.
Главниот уредник на „Хит рекордс“, композиторот Мирослав Рус, кого со Тоше го поврзуваше и блиско пријателство и авторска соработка, вели дека ова издание за него има посебно значење.
„За мене, ова е посебен момент. Да се работи на издание на голем уметник, пред сè, е чест, а со оглед на нашето пријателство, дури и обврска. Не можам да замислам делото на Тоше Проески да остане без албум кој, во презентативна смисла, е вистинска, сериозна трага на еден уметник без граници каков што беше Тоше Проески“, вели Рус.
Меѓу авторите чии песни се на плочата се Миро Буљан, Антонија Шола, Леонтина Вукомановиќ, Ѓорѓе Новковиќ и Марина Туцаковиќ.
Визуелниот дел е на дизајнерот Игор Келчец. На предната и на задната страна се портрети на Тоше, а во внатрешноста има колаж од приватни и професионални фотографии од различни периоди од неговите живот и кариера.