ДОЛИ ПАРТОН СТАНА ОД КРЕВЕТ ЗА ДА СНИМИМЕ ДУЕТ, ВЕЛИ БОНО ВОКС ПРЕД НОВИОТ АЛБУМ НА „ЈУ-ТУ“

Ирска, (Гардијан)

Рок-групата „Ју-Ту“ го најави новиот албум „Carnaval De Luz“, кој ќе биде објавен на 13 ноември. Тоа е 16. студиски албум на бендот и прв со целосно нов материјал по девет години.

Посебно внимание привлекува последната песна на албумот, „Torn“, дует на Боно Вокс и починатата кантри-ѕвезда Доли Партон. Според „Ју-Ту, станува збор за последната вокална снимка што Партон ја направила пред смртта. Песната ја напишале „Ју-Ту“, Партон и Џони Мекдејд, а зборува за нарушени семејни односи.

Партон го снимила својот вокал во јуни. Боно за „Ролинг стоун“ кажа дека таа станала од кревет за да ја сними песната, и покрај тоа што била болна.

„Испеа од срце. Не можам да поверувам дека тоа е жена на 80 години“, рече музичарот.

Тој додаде дека денес му е тешко да ја слуша снимката поради околностите во кои била направена.

„Carnaval De Luz“ има 12 песни. Меѓу соработниците се Брајан Ино, Мартин Гарикс и Даниел Ланоа, кој свири гитара во дуетот со Партон.

Новиот албум доаѓа во годината кога „Ју-Ту“ одбележува 50 години од своите почетоци. Во септември 1976, тогаш 14-годишниот тапанар Лери Мален оставил рачно напишана порака на огласната табла во училиштето „Маунт Темпл“ во Даблин, барајќи музичари со кои ќе формира бенд. Пет децении подоцна, Боно, Еџ, Адам Клејтон и Мален и натаму се членови на „Ју-Ту“.

(Фото: Гети)